Две лица биле повредени во пожарот што вчера вечер зафати три куќи во населбата Злокуќани во скопската Општина Карпош, од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Пожарот бил изгаснат во раните утрински часови, а на местото е интервенирано со 10 противпожарни возила и поголем број пожарникари, вели за Телма Ѕвонко Томевски.
Зафатени биле кровни конструкции на три куќи кои се наоѓале една до друга. Постоела опасност огнот да се прошири и на останатите објекти во близина кои, исто така, биле „лепенки“.
Од МВР информираат и дека поради вдишување на чад лекарска помош побарале шест лица, а еден малолетник бил повреден.
-Во пожарот малолетник се здобил со повреда и со возило на Итна медицинска е пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Во истата болница била пренесена и Ш.С.(34) поради вдишување на чад. Исто така, Р.С.(69) и Х.Х.(49) и тројца полициски службеници, поради вдишување чад, побарале помош во Градската општа болница „8 Септември“, информира денеска Министерството за внатрешни работи.
Пожарот во Злокуќани беше пријавен вчера вечер, околуу 20 часот на единствениот број за итни случаи 112. Пожарот прво избувнал во куќа на улицата „Скупи“, а потоа ги зафатил и соседните објекти во непосредна близина.











