Пет активни и четири изгаснати пожари е пресекот на состојбата на терен според информациите на Центарот за управување со кризи (ЦУК) а покачувањето на температурите и сувата вегетација остануваат висок ризик и опасност од избувнување на нови жаришта.
Кај четири од петте активни пожари гори ниска, мешана или деградирана шума а кај еден пожар гори сува вегетација. Пожарникарите и тимовите на ДЗС продолжуваат да се борат со пламените јазици кај селото Николиќ во Дојран користејќи и тешка механизација. Над селото Горњани во Чучер Сандево гори нискостеблеста шума додека кај велешките села Џидимирци и Крушје се гаси пожар кој влегол во мешана шума. Пожарникарите продолжуваат со гаснење на огнот во Општина Македонски Брод каде гори реон на четири села а последниот активен пожар кај кумановско Отља но таму гори ниска вегетација.
„Најголем проблем и понатаму ни создава пожарот над селото Николиќ кој веќе се движи кон територијата на Општина Валандово. Рано утрово беа исфрлени повеќе екипи на национални шуми а се користи и тешка механизација односно булдожери со кои се пробиваат планинските патишта за да се направи огноотпорна пресека преку која пожарот нема да може да се шири. На терен се и четири „пинцгауери“ на ДЗС. Вториот пожар се разви во текот на денешниот ден на поголема територија е пожарот кој граничи меѓу Велес и Општина Зелениково, конкретно селата Крушје и Џидимирци. Пожарот е на тешко пристапен терен исклучително тежок пожар за гасење, горат грмушки трева и деградирана шума“ изјави Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Од утрово изгаснати се пожари кај населбата три Багреми во Прилеп, кај струшко Франгово, и на територија на општините Виница и Демир Капија каде гореше деградирана ниска вегетација.
Од ДЗС соопштија дека вториот „ер трактор“ е вратен од сервис и веднаш бил активиран во гасење на пожарот кај селото Николиќ. Двете најголеми партии и денес продолжија со меѓусебни препукувања за тоа кој е виновен за пожарите и кој ги подметнува додека пожарникарите продолжуваат да гасат на терен со опремата која им е на располагање, стара и амортизирана бидејќи тие што се препукуваат не одвоија средства додека ја водеа државата за да набават нова и да ги модернизираат.
Огнен Чанчаревиќ











