Воведувањето дополнителни царини од 30% за производите увезени од Европа, што во текот на викендот го најави американскиот претседател Доналд Трамп, земјите членки на ЕУ го сметаат за целосно неоправдано и неосновано, изјави по денешниот состанок на министрите за трговија, шефот на данската дипломатија, Ларс Локе Расмусен, чија држава од 1-ви јули го презеде претседавањето со Унијата.
ЕУ останува посветена на пронаоѓање заеднички прифатливо решение на спорот наметнат од администрацијата на Трамп, но истовремено се подготвува за секое можно сценарио. Тоа вклучува пропорционални и крупни контрамерки, за што денеска во Брисел, разговараа и постигнале согласност европските министри за трговија. Еврокомесарот за трговија и економска безбедност, Марош Шефчовиќ, на министрите им презентирал и дополнителна листа на производи, дел од американскиот увоз, во вредност од 72 милијарди евра, кои може да бидат опфатени од контра-мерките на ЕУ.
„Мораме да бидеме подготвени за секој исход. Вклучувајќи ги, ако се неопходни, добро осмислените, пропорционални мерки за воспоставување рамнотежа, во нашите транс-атлантски односи. Нашите мерки за одговор за челикот и алуминиумот се суспендирани до почетокот на август, а денеска комисијата сподели со земјите членки предлог за втора листа на производи, увезени од САД, во вредност од 72 милијарди евра. Сега тие ќе бидат разгледани. Ова не ги исцрпува нашите алатки и секој инструмент ни останува на располагање“ рече Марош Шефчовиќ, еврокомесар за трговија и економска безбедност.
„Она што е најважно, како резултат од денешниот состанок, е дека министрите имаа многу јасна позиција. Јас кога дојдов на состанокот, се извинив за реториката, но реков: ако сакате мир, мора да се подготвите за војна. Тоа не значи дека ние сакаме војна, но мораме да бидеме подготвени, за да му овозможиме на нашиот комесар што е можно посилна преговарачка позиција. Мислам дека успеавме да го оствариме тоа денеска“ изјави Ларс Локе Расмусен, министер за надворешни работи на Данска.











