Иницијативата „SupportKocani“ реализираше донација за Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје. Донацијата е формализирана со потпишување на договор за донација, а вклучува 100 комплети T-LAB PRP KIT, 10 комплети EXOMINE SMART KIT, 4 пакувања аминокиселини и 4 пакувања протеини.
Вкупната вредност на донацијата изнесува 286.120 денари, и е целосно обезбедена преку донации од хумани граѓани и компании, кои континуирано ја поддржуваат иницијативата „SupportKocani“.

Донираните материјални добра се наменети за третман и регенерација на кожата, забрзување на зараснување на рани и подобрување на опоравувањето кај пациентите со тешки повреди од изгореници. Нутритивната поддршка претставува дополнителна помош за јакнење на организмот во процесот на рехабилитација.
Медицинската опрема и суплементи се веќе доставени на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје, каде активно се користат во третманот на повредените.
Во рамки на посетата, тимот на „SupportKocani“ ги посети и пациентите кои сè уште се хоспитализирани на Клиниката и лично им изрази поддршка и желби за побрзо закрепнување.
„Продолжуваме со фокусирана, директна и одговорна поддршка за секој поединец кој е засегнат од трагедијата. Оваа соработка со една од клучните здравствени установи во државата претставува важен чекор во обезбедувањето на стручна медицинска нега. Искрено им благодариме на сите хумани граѓани, компании и поддржувачи – токму тие ја направија оваа помош возможна,“ истакнуваат од „SupportKocani“.











