Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Ниту еден политичар нема влијание врз мене за некои предмети – Коцевски без коментар за изјавите на Мицкоски

/

пред 459 дена

Сподели преку :

Државниот обвинител Коцевски не сака да ја коментира изјавата на премиерот Мицкоски кој ја повика Европската Комисија (ЕК) да избере други обвинители и членови на судскиот совет само да ги тргне актуелните кои според првиот човек на владата имаат ниска доверба и не можат да донесат правда. Мицкоски го кажа ова по извештајот за владеење на правото на ЕК која конститраше дека има мешање и притисоци на другите власти врз судската, а ги нотираше најавите за робусни акции во правосудството, но и дека постапката за разрешување на Коцевски, открила ризик од политизација.

„Нема да коментирам политичка изјава. Европската комисија правилно ги проценила работите. Можам да кажам одговорно дека лично на мене нема никакво влијание ни еден политичар досега во однос на некои предмети“, изјави државниот обвинител, Љупчо Коцевски.

Државниот обвинител ја даде изјавата за медиуми пред седницата на советот на јавни обивнители на која унапредување во вишото обвинителство едногласно добија двајца скопски обвинители Владимир Милошевски и Дарко Јакимовски.

Милошевски пред два месеца го затвори случајот за бугарскиот ТОЕФЛ сертификат на директорот на АНБ, Бојан Христовски. Од предметите познати на јавноста ги водеше „Потпуп“ против експремиерот Заев, но и беше обвинител во предметот за фалсификуваната лиценца за „Беса Транс“. Лани Милошевски беше назначен за раководител на новоформираното посебно одделение за сериозен и сложен криминал во рамки на скопското обвинителство.

Унапредување доби и Дарко Јакимовски, заменик шеф во скопското обивнителство, кој го водеше предметот за Ласкарци и обидот за убиство на Села во Собранието. Двајцата беа дел од тимот обвинители во истрагата за пожарот во „Пулс“. Во тој тим беа и други обвинители кои се пријавиле, но не добија поддршка од Советот, меѓу кои и Љубомир Лапе и Јасмина Костеска Здравевска. Меѓу деветмината кандидати за ВЈО Скопје, беше и обвинителот Александар Маркоски од предметот против Васил Јованов кој смртно ја прегази Фросина Кулакова.

Советот ги реизбра и досегашните обвинителки во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Наташа Поп Трајкова од предметот „Адитив“ и истрагата за претседателката на Антикорупциска, како и Катерина Коларавиќ од предметот против Мухамед Зекири и предистрагата за „Бехтел&Енка“. Меѓу шестмината кандидати за овие две места беше и Ана Стојковиќ Димитровска од предметот за убиството на Вања  Ѓорчевска и Панче Жежовски.

ОЈО ГОКК и понатаму се соочува со недостаток на соодветен буџет и персонал, особено финансиски експерти. Ова го констатираше и ЕК во извештајот за владеење на правото во кој е нотирано дека буџетите на судството и обвинителството се под законскиот минимум, но и дека ограничените финансиски ресурси за правосудството продолжуваат да влијаат на неговата финансиска автономија.

Коцевски вели дека втора година по ред не добива дозвола за ниту едно од 100-те вработувања поради што јавно-обвинителската служба работи со една третина од потребниот кадар.

Елена Ивановска Мукоска