Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Правна празнина за полицискиот инспектор Нанев кој за коруптивно однесување беше разрешен од судиската функција и по 23 години го примија назад во МВР

/

пред 458 дена

Сподели преку :

Правна празнина и законски недоречености за мандатите на функционерите се главна причина поради која разрешениот за коруптивно однесување, судија Лазар Нанев можел и се вратил на инспекторска позиција во МВР по 23 години мирување на неговиот работен однос во полицијата. Испочитуван е законот за работни односи и правата на Нанев бидејќи законодавецот не направил разлика меѓу времен мандат на функционер,како министер, директор, пратеник или претседател на институција и траен мандат како што имаат судиите.

Не е предвидено ниту дека разрешениот функционер не може да се врати на старо работно место во државно, доколку е разрешен поради неправилности и незаконитости, објаснува Анета Иванова Стојаноска, Истражувач во Центар за управување со промени (ЦУП).

„Ова ми се чини е прва ваква ситуација за некој кој има траен мандат, да биде разрешен и да се врати на овој начин на своето претходно работно место, и затоа можеби сега се гледа дека постои правна празнина. Законот не прави разлика меѓу функционери со времен мандат и функционери со мандат до пензионирање што е судискиот мандат на судиите поточно. Така што тука постои и дополнително. Законот не прави разлика односно не го разработува правото на мирување од аспект на правните последици што се по престанокот на функцијата -дали престанокот настанал со разрешување предвремено, дали настанал со оставка или е само со разрешување на мандатот“ вели Анета Иванова Стојаноска, Истражувач во Центар за управување со промени (ЦУП). 

Правниот принцип е чист, етичкиот и моралниот е веќе лична работа, вели Стојаноска од Центарот за управување со промени, организација која ги набљудува активностите и законските одредби за избор, вработување и работа на функционерите и администрацијата.

„Судијата комплетно го искористил своето право кое му го дава законот и исто така на крајот на краиштата, ако постои тоа место и МВР како надлежна смета дека тоа место постои и ја има соодветната стручна спрема само го имплементира во сила решението кое претходно е донесено односно со мирување“ додава Ивановска Стојановска. 

Телма го бараше и Нанев, но старо-новиот инспектор во кавадаречката полиција не одговори на нашите повици и пораки. Од два полициски синдикати ни рекоа дека случајот не го знаат, но и дека тој може да го обнови синдикалното членство и да побара правна помош од нив.

Телма вчера откри дека Нанев по 23 години е вратен на работа во МВР иако како судија беше  разрешен поради јавувања на обвинет во предмет кој го водел самиот Нанев. Против него има и обвинение за кое судењето е закажано наесен.

Со вработувањето во МВР, Нанев може да искористи и предвремено пензионирање бидејќи бил десет години полицаец и инспектор, со бенефициран стаж и речиси 23 години судија, со што е многу блиску до полициската пензија која се добива на 40 години стаж.

Миомир Серафиновиќ