Стекнавме одреден имунитет на санкциите, тоа е меч со две острици, ова е официјалниот став на Кремљ, откако 27-те земји – членки на ЕУ постигнаа договор за 18-тиот најстрог пакет санкции за Русија. Во истовреме Стармер и Мерц ставија потпис на досега „невиден“ договор за зацврстување на одбраната.
Велика Британија потпиша договор за одбрана, трговија и миграција со Германија, додека Европа ја зајакнува својата безбедност. Мерц и Стармер двајца најголеми европски поддржувачи на Украина се обврзаа со досега „невиден“ договор да ги зацврстат одбранбените врски и на блиска соработка против заканата од Русија. Двете земји се членски на НАТО па останува нејасно какво практично влијание ќе има тоа во „меѓусебната помош, вклучително и воени средства, во случај на вооружен напад врз другата страна“.
- „Велика Британија и Германија рамо до рамо, обезбедувајќи раст и безбедност и обезбедувајќи им услуги на работниците. И затоа порано денес направивме нешто навистина без преседан, градејќи врз нашиот нов договор со ЕУ, заедно го потпишавме Договорот од Кенсингтон, првиот голем билатерален договор меѓу Обединетото Кралство и Германија. Две големи модерни европски нации. Тоа е израз на нашите заеднички цели и вредности“ – Кир Стармер, премиер на Велика Британија.
Мерц и Стармер разговараа и за зголемување на европската поддршка за Украина, германскиот канцелар смета дека испораката на нови системи „Патриот“ на Украина од Европа кои ќе бидат заменети од САД, го зголемуваат притисокот врз Путин.
- „Германија сака да даде значаен придонес во ова. Сега мора брзо да ги разговараме деталите со нашите партнери, особено затоа што ни треба јасност за тоа како системите за оружје обезбедени од Европа ќе бидат заменети од САД. Ова го зголемува притисокот врз Путин конечно да преговара за мир и покажува дека Европа и САД се усогласени во безбедносната политика“ – Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
Руското МНР со предупредување употребата на германските ракети Таурус всушност значи директно вклучување на германскиот воен персонал во воените операции против Русија, што упатува на одговор со иста мера.
Откако словачкиот премиер Фицо, кој беше загрижен за увозот на гас, отстапи, дваесет и седумте земји-членки на ЕУ се согласија за 18-ти најстрог пакет санкции. За официјален Кремљ тоа е меч со две острици.
- „Стекнавме одреден имунитет на санкциите, се прилагодивме на животот под санкции. Ќе треба да го анализираме новиот пакет за да ги минимизираме неговите негативни последици. Покрај тоа, секој нов пакет додава негативно влијание врз земјите што се придржуваат кон него, тоа е меч со две острици“, Дмитриј Песков, портпарол на Путин.
Пакетот санкции е насочен кон финансискиот и енергетскиот сектор на Русија и доаѓа како одговор на одбивањето на Путин да се согласи на безусловно примирје во Украина.
Билјана Ставрова











