Шест активни пожари кои се гасат од земја и од воздух и два пожари под контрола е состојбата со која пожарникарите, армијата и тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување се соочуваат денес. Пеколните температури кои во наредниот период ќе изнесуваат над 40 степени не им одат во прилог на тимовите на земја па затоа се апелира граѓаните да бидат крајно внимателни и одговорни.
Нивичино, Желино, Македонски Брод и паркот на природата Езерани во Преспа се клучните точки каде што се фокусирани напорите за ставање под контрола на пламените јазици. Гори и во прилепскиот регион кај местото Радобилски рид каде гори мешана шума.
Една недела тимовите на ДЗС, пожарникарите и припадниците на АРМ се обидуваат да го стават под контрола пожарот кај селото Нивичино каде што повторно се гаси и од воздух. Од вчера сите расположливи пожарникари од Ресен заедно со тимовите на ДЗС, мештаните и ренџерската служба се обидуваат да го изгаснат пожарот во Езерани каде гори сува трска и трева. Огнот е пресечен кон селото Сирхан но пожарот се заканува да уништи голема територија од паркот кој е под заштита бидејќи претставува едно од најзначајните подрачја на биодиверзитет во Македонија и е дом голем број растителни и животински видови кои може да бидат уништени од пламените јазици.
„Пожарот кај местото викано Сирхан со кој беше зафатен трска и сува трева вчера во текот на ноќта беше ставен под контрола но во текот на денешниот ден повторно е активен. Покрај екипи на противпожарните единици на овој пожар за воздушна интервенција упатен е и еден „ер трактор“. Пожарот кај село Нивичино е сеуште активен каде покрај екипи на територијалната противпожарна единица и ЈП „Национални шуми“ се врши и интервенција од воздух со хеликоптер на МВР и „ер трактор“. На овој пожар ангажирани се и две специјализирани „пинцгауер“ возила како и 30 припадници на АРМ“, изјави Надица Вчкова, од ЦУК
Во моментов под контрола се два пожари, кај селото Николиќ каде тимовите на земја ги гаснат џебовите оган како и кај велешко Иванковци каде гори деградирана дабов а шума.
Од ЦУК апелираат граѓаните да бидат внимателни и да се однесуваат одговорно.
„Уште еднаш упатуваме силен апел до граѓаните за внимателност бидејќи и мало невнимание може да предизвика пожар од големи размери и доколку забележат сомнително однесување на лица или видат чад или оган на отворено веднаш да пријават на телефонскиот број за итни повици 112“, соопшти Вчкова.
Од УХМР пак соопштија дека топлиот бран кој веќе ја зафати Македонија ќе се задржи до сабота и на голем дел од територијата температурите ќе се движат над 40 степен.
Огнен Чанчаревиќ











