Ангел Самараков, полицаец и поранешен припадник на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски се изјасни дека не е виновен на првото судско рочиште по обвинението за издавање на полициски тајни.
Самараков беше уапсен на почетокот на април во Велес при обид за предавање на доверливи службени тајни, тврди обвинителството и посочува дека друга полициска службеничка требало да прибави 50 илјади евра за размената.
Одбраната пак тврди дека нема докази за делото. Судењето беше одложено за 14-ти август поради проблеми со техниката за репродукција на видео докази.
Тогаш треба да даде исказ и клучниот сведок Благоја Коруноски кој бил дел од размената на податоци.
Коруноски е лице кое има судска пресуда од 12 години затвор за убиство, а обвинетиот полицаец Самараков го уапсил при бегство од затворот кога не се вратил од викенд, тврдат од одбраната на обвинетиот телохранител на Мицкоски.
Одбраната побара и повеќе полицајци како сведоци. По судењето, само обвинителката во предметот даде изјава и посочи дека имаат цврсти докази за делото.











