Седма година по ред и во нов состав, Судско медиумскиот совет и понатаму гради соработка меѓу
судиите и новинарите за подобро информирање на јавноста. Иако Судско медиумскиот совет во
февруари го избра четвртиот состав во кој членуваат 8 новинари и 7 судии, целта е иста, а
работата на ова тело единствено во Европа од ваков вид е препознаена и од меѓународната
заедница.
„Судиите и медиумските работници на вагата на правдата секогаш треба да бидат на иста страна
со цел да се овозможи поотворено и потранспарентно општество и судство. Кохезијата помеѓу
судиите и медиумите е од особено влијание за да се обезбеди професионално, јасно и објективно
известување за работата на судиите, за самите судења, а од друга страна да се зајакне довербата
на јавноста во судството, односно да се подобри перцепцијата за работата на судиите“, вели
новата претседателка на ова тело судијката Емилија Шопар Јовановска.
А со неа се согласува и Зоран Јаневски, член од редовите на новинарите кој веќе втор мандат е
дел од Судско медиумскиот совет.
„Работата на Судско-медиумскиот совет претставува важна алка во зајакнувањето на
транспарентноста на судството и во градењето на професионален и одговорен однос помеѓу
медиумите и судовите“, смета новинарот Јаневски.
Меѓу клучните активности што ги спроведе Советот во изминатите години се издвојува
изработката на Упатство за снимање и фотографирање во судница, со кое се воспостави појасна
рамка за присуството на медиумските екипи. Во документот детално се уредува која опрема можат
да ја користат медиумите, како треба да бидат поставени камерите и фотоапаратите и под кои
услови е дозволено снимање, сето тоа со цел да се обезбеди баланс помеѓу јавноста и
правичноста на судските постапки.
Токму препораките за снимање во судница изработени од Судско-медиумскиот совет, беа
нотирани и во Извештајот на ЕК за напредокот на земјава во европската интеграција.
Во делот за владеење на правото, во извештајот наведува дека, ,,Врховниот суд и Судско-
медиумскиот совет издадоа заеднички препораки за известување за судски предмети од јавен интерес, со цел да се подобри транспарентноста и довербата на јавноста”.
„Мојот став е дека судиите со самото тоа што ги отвараат судниците за медиумите се овозможува
кредибилитетот на тој суд да се подигне на едно повисоко ниво, а сето тоа е една од алатките во
борбата против корупцијата“, смета Шопар Јовановска.
Судско медиумскиот совет ја продолжува и соработката со Академија за судии и Јавни обвинители
во рамки на веќе потпишаниот Меморандум за соработка преку организирање и спроведување на
обуки. Судиите и новинарите ќе можат да разменат мислења и искуства за тоа како да се
постапува при рочишта кои се од интерес на јавноста.
„Како едни од најзначајните активности се издвојуваат обуките за судии и новинари, кои
овозможија двете страни поблиску да се запознаат со работата едни на други – новинарите со
текот и принципите на судските постапки, а судиите со динамиката и предизвиците на
новинарската професија. Заеднички заклучок беше дека токму ваквите обуки се клучни за
унапредување на комуникацијата на судовите со јавноста и за градење заемна доверба“, доава
новинарот Јаневски, кој беше и еден од предавачите на овие обуки.
Дека се уште има работа во унапредување на соработката на судиите и новинарите покажа и
случајот кога во Основниот суд во Велес на новинарка не и беше дозволено да присуствува на
јавна судска расправа. Судско медиумскиот совет укажа дека правото на Јавност во судница е
едно од основните начела кои гарантираат фер судење и овозможуваат транспарентност на
судските процеси.
„Иако многу промени се издејствуваа преку работата на Судско медиумскиот совет во последните
години сметам дека и понатаму остануваат работи кои ќе треба да се направат за ова тело и
понатаму остане препознатливо и добар пример за заедничка соработка помеѓу судиите и
новинарите“, заклучува Шопар Јовановска.
Судско медиумскиот совет ќе продолжи и со реализација на меморандумите за соработка со
Здружението на новинари на Македонија, меѓудругото и за правилна примена на правната
терминологија кај новинарите кои известуваат од судските рочишта. Посебно што во наредниот
период се очекува и судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. А за правдата да биде
повидлива и подостапна до граѓаните советот ќе изготви и информативни видеа за социјалните
мрежи за тоа како новинарите, но и јавноста може да присуствува на рочиштата.
Судско медиумскиот совет е формиран во 2018 година со поддршка од амбасадата на САД во
Македонија и по примерот на Судско медиумскиот комитет во американската сојузна држава
Масачусетс.
Марија Митевска











