Има 87 години, но живо се сеќава на земјотресот во Скопје, пред 62 години. Цветко Цветковски ја искусил катастрофата на 25 годишна возраст. Вели, со семејството живееле во населбата Топана, а вечерта пред земјотресот била тивка и спарна , па со татко му легнале да спијат на терасата од нивната куќа.
- Едвај заспавме околу 12 часот. Меѓутоа во 5 и 17 часот не разбуди силна бучава и силен татнеж и хоризонтален удар, земјотрес. Јас помпал , татко ми- синко станувај, земјотрес, да бегаме! Оти тераса е, секој момент се нишаше како во чамец, во вода, во езеро. Набрзина станавме по пижами, по спепениците и се најдовме доле во дворот. Во дворот излегле и другите станари и комшии. Се најдовме живи, здрави. Абе, не помина минута , две , кога земјиштето почна да се крева. Се креваше и тогаш стана ужасниот втор земјотрес, вели Цветко Цветковски , преживеан во земјотресот.
Во земјотресот не настрадале членови од неговото семејство, па Цветковски кој бил вработен во скопската полиција веднаш заминал на работа. Се сеќава дека добиле лопати, да почнат да ги расчистуваат урнатините, но тоа се покажало како невозможно , па ги распоредиле низ градските полициски станици, а тој ја добил таа на Бит- пазар. А, со изградбата на постземјотресно Скопје засекогаш се сменило лицето на стариот главен град, вели Цветковски.
- Цело Скопје, Вардар , населбите, паркот, сѐ се измени. Стана земјотресот, стана обнова со помош на солидарноста, се изгради. Ама, не е тоа, тоа. Старото Скопје беше чисто, беше мало, дополнува Цветковски.
Во земјотресот со јачина од 6, 1 степен според Рихтеровата скала, животот го загубиле над 1070 граѓани, над 2900 биле повредени, а од нив 1110 со тешки повреди. Речиси 15800 станови биле сосема урнати, а 28 000 оштетени.
За катастрофалниот земјотрес во Скопје, што се случил на 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути, денес сведочи запрениот часовник кој се наоѓал на главниот влез на некогашната урната зграда на железничката станица – денес Музеј на Град Скопје. По земјотресот Скопје беше издигнато од унатините и беше изграден модерен град со посредство на меѓународната солидарност , во која беа вклучени 87 земји. Но, таа слика денес се менува. Под влијание на спрегата политичари- инвеститори Скопје интензивно се гради. Се гладат станбени, деловни и комерцијални објекти и тоа не само во овој дел на градот , туку насекаде низ Скопје.
Претседателот на Асоцијацијата на архитекти вели дека основниот проблем денес во Скопје е нехуманиот урбанизам кој што не остава простор идните генерации да градат.
- Тој е агресивен, нехуман , несоодветен. Постепено преоѓа во инвеститорски урбанизам. Планираат и проектираат инвеститорите , што е недозволиво. Се гради со голема густина, набиено, зграда до зграда, да се искористи секое парче слободен простор . Би рекол , веќе не се работи за метар квадратен , поточно метар кубен туку за сантиметар квадратен, поточно кубен. Со досега изграденото не се остави слободен простор за градба за следниве генерации. Тоа е пред сѐ многу себично, кажа Валентино Константиновски- претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Не треба да се дозволуваат дивоградби, решението е во повеќе зелени површани, уредување на сообраќајната инфраструктура , а најважно е да се не се меша политиката во архитектурата, вели Константиновски.
По повод годишнината од скопскиот земјотрес , во Музејот на Град Скопје вечерва се отвора изложба, со цел возрасните да се потсетат, а младите да се информираат за последниците од стравотното утро пред 62 години и за урбанистичкиот раст на градот до почетокот на новиот милениум.
Сотир Трајков











