Актуелниот и екс-министерот за надворешни работи се конфронтираат околу Охридскиот договор „Интересно е како некои личности, кога се на власт, се прогресивни Европејци, а штом ќе дојдат во опозиција, одеднаш стануваат апостоли на дестабилизација и поделби и будат наративи од 19 и 20 век„.Со оваа објава на „Фејсбук“ министерот за надворешни работи ја продолжи конфронтацијата со екс-министерот Бујар Османи околу Охридскиот договор и унитарноста на државата.
„Османи беше дел од власт во која Македонците беа малцинство – и тоа не му пречеше. Напротив, одлуки се носеа и во Владата и во Собранието без македонско мнозинство – и сè беше во ред, демократски, европски. Но денес, кога постои јасно демократско мнозинство, кога народот – независно од етничка или било каква друга припадност – избра промени, тоа (според него) станува „проблем за соживот“. За Османи, проблемот не е во моделот – проблемот е што ДУИ повеќе не е на масата“ напиша министерот за надворешни работи на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Реакцијата следи откако екс-министерот обвини дека неговиот наследник не ја разбира суштината на Охридскиот договор.
„Функционалноста на мултиетничката демократија подразбира почитување на договореното во Охрид: од принципите (духот на договорот), до неговите механизми како што се Бадентер, правичната застапеност (Балансер), засилена децентрализација, јазичната артикулација итн.
Оној што не ја разбира, или не сака да ја прифати оваа реалност, директно удира во темелите на современата државност, кои се нашироко прифатени не само во земјава туку од нашите стратешки партнери како што се САД и ЕУ“ напиша екс-министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на „Фејсбук“.
Полемиката почна веднаш по кандидатурата на Османи за градоначалник на Чаир, кога екс-министерот зборуваше за т.н автономија во одлучувањето. Ова актуелниот министер го протолкува како „порака на јасен политички проект за редефинирање на државата, што е опасно за целиот регион“.
Му порача на својот претходник дека државата ниту била ниту ќе биде федерација или конфедерација, како и дека ваквите повици за нарушување на унитарниот карактер се опасен наратив што не само го осудуваат, туку и ќе преземат проактивни мерки да ги спречат.
По кандидатурата на Османи за градоначалник на Чаир, се погласни се и шпекулациите дека против-кандидат ќе му биде вицепремиерот Изет Меџити од „Вреди“ со што оваа општина станува и епицентар на политичката битка меѓу партиите на Албанците на власт и во опозиција.
Далиборка Демјанска Цветановска











