Под сивото небо во југозападниот дел на Шкотска Доналд Трамп ужива играјќи голф на неговиот приватен имот. Американскиот претседател со шкотско потекло e во четиридневна престој во Шкотска, со цел да се одмори, но и воедно да се сретне со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Состанокот е најавен во текот на денот, а предвидено е да се разговара за 20 клучни точки со фокус на царинскиот договор меѓу САД и ЕУ.
Трамп е на ставот дека шансите за постигнување на договор не се мали.
На прашање на новинар: Ќе склучите ли договор со ЕУ господине претседателе?
Доналд Трамп изјави: 50-50-50-50
Илјадници луѓе го обезбедуваат Трамп во, но и надвор од неговиот имот додека тој спокојно се вози во голф автомобилот и повремено застанува да го шутне топчето. Покрај раскошниот имот може да се забележат бројни новинарски екипи, но и луѓе кои протестираат против него.
Освен во Тарнбери, неколку протести има и низ шкотските улици, каде револтираните Шкотланѓани излегоа со цел да го изразат револтот за посетата на земјата од страна на Трамп.
„Мислам дека огромното мнозинство Шкотланѓани имаат ваков став за Трамп, иако има шкотски корени, тој е срам за нас“ изјави Шкотланѓанец.
„Имам проблем со шкотските гајди што се користат за добредојде на Трамп, но и при други посети и други работи. Јас сакам да го користам овој симбол, тоа е симбол на Шкотска, и сакам јасно да ставам до знаење дека тој не е добредојден во Шкотска“ изјави Шкотланѓанка.
Пристигнувањето на Трамп во Шкотска бараше најголема безбедносна операција, откако почина кралицата Елизабета Втора во 2022 година, а повеќе од 5.000 полицајци и безбедносни лица се вклучени во негово обезбедување.
Покрај средбата со претседателката на Европската Комисија, Трамп најави и дека утре ќе се состане и со британскиот премиер Кир Стармер.
Tea Димковска











