Синоќа изби силен пожар во населбата Нова Битола, при што гореше сува трева и паркова површина во непосредна близина на станбените објекти, потврдија од Територијалната противпожарна единица – Битола.
Командирот Христијан Тодоровски информира дека веднаш по дојавата од жителите, на терен се испратени две противпожарни екипи.
Пожарот се прошири брзо поради силниот ветер, а се приближуваше до таканаречените „социјални згради“ над улицата „Игњат Атанасовски“.
„Во моментот немаме сомневање дека пожарот е подметнат, но ситуацијата е сериозна поради силниот ветер и близината до објектите“, изјави Тодоровски.
Пожарот е видлив од повеќе делови на градот и предизвика загриженост кај жителите на Нова Битола.











