На само 21 година, Денис Зализко преживеал тортура, обиди за самоубиство и постојани тепања за време од околу 15 месеци поминати во руски заробеништво. Тој вели дека единствено инстинктот за преживување го одржал во живот.

Неколку недели по неговото ослободување во мај, изгледа речиси непрепознатливо – од исцрпен заробеник до млад човек со здрава кожа, зајакнати мускули и енергија на спортист.
Но, траумата сè уште е тука.
Денис сега се наоѓа на рехабилитација во менталниот здравствен центар „Лисова Полјана“ близу Киев, како дел од државната програма за помош на поранешни воени заробеници.

Му помагаат музиката и физичката активност – пее и вежба за да го прочисти умот.
„Молкот предизвикува анксиозност“, вели тој, секогаш подготвен за опасност – последица од долгото заробеништво.

Спиењето му е испрекинато, често од трауми, но и од реални закани како руските дронски напади.
Психолозите, како директорката на „Лисова Полјана“, Ксенија Возницина, велат дека траумите се длабоки – мирис, звук или боја може да ги активираат.

Поранешните заробеници не стануваат поагресивни, туку се повлекуваат од светот и тешко стекнуваат доверба.
Меѓународни студии, вклучувајќи истражување во „Journal of Behavioral Medicine“, потврдуваат дека долгогодишниот ПТСН (посттрауматски стрес) кај поранешни заробеници води до хронични болести и пократок животен век.

За Денис, патот кон закрепнување допрва почнува — но тој сонува да стане музички уметник и преку песните да покаже што значи да си Украинец.











