Американскиот претседател Доналд Трамп и британскиот премиер Кир Стармер за денеска закажаа средба која ќе се одржи на голф-терен во Шкотска што е во сопственост на семејството Трамп, во близина на Тарнбери, југозападна Шкотска.
Подоцна Стармер ќе отпатува и во Абердин, на североистокот, каде што има уште еден терен на Трамп, а наскоро ќе се отвори и трет.
Иако Стармер не е љубител на голфот, неговото присуство на терените на Трамп покажува колку американскиот претседател придава значење на сопствените имоти и колку спортот може да влијае на геополитиката.
На агендата на денешната средба ќе бидат и актуелните меѓународни кризи. Премиерот Стармер ќе инсистира на прекин на огнот во Газа и ќе ја нагласи важноста од прекин на гладта и страдањата на цивилното население.
Се очекува да се разговара и за мировни иницијативи поврзани со војната во Украина и притисокот врз рускиот претседател Владимир Путин за преговори во наредните 50 дена.
Средбата следува по трговскиот договор што двајцата лидери го потпишаа на самитот на Г7 во Канада, кој вклучуваше намалување на царините за британската автомобилска и воздухопловна индустрија, како и зголемување на увозот на американско говедско месо.
И покрај позитивните сигнали, дел од јавноста во Шкотска изрази незадоволство. Демонстранти се собраа во Балмеди, во близина на еден од терените на Трамп, за да протестираат против неговата посета.
Утре Трамп ќе присуствува на свеченото отворање на новиот терен кај Абердин, кој ќе биде отворен за јавноста од 13 август, со веќе достапни термини за играње.











