Независните се решени да учествуваат на локалните избори, но алармираат за „сопки“ од големите партии. Претседателот на Владата, пак, денеска со одговор дека тоа е нивната вистина. Запрашан за измените на Изборниот законик кои се ставени на чекање, Мицкоски вели дека колку што е запознаен – постои консензус меѓу парламентарните партии.
Во моментов нема поставено граница колку потписи се потребни за кандидатури на независните, откако Уставниот суд ги укина членовите од Изборниот законик со кои се зголемува бројот на потребни потписи, а со што се создаде т.н. „правна празнина“.
Од независните иницијативи, пак, стравуваат дека власта во последен момент поинаку ќе го протолкува или ќе го смени законот за да ги спречи да учествуваат во изборната трка, па затоа најавија формирање партии.
Во меѓувреме, додека е во тек „математиката“ на независните кандидати, парламентарните партии со друг фокус околу локалните избори. Опозицијата од албанскиот блок уште од сега стравува од сериозни последици врз легитимноста на изборите и обвинува за институционална дискриминација.
Од ДУИ реагираат за намалување на бројот на советници во општините преку манипулации со бројките од Пописот и исклучување на дијаспората.
„Оваа намерна статистичка манипулација веднаш беше искористена во формулата на Балансерот, со што Албанците беа намалени за 5,2%, а потоа и за деформирање на нивното претставување во повеќе од 20 општини преку намалување на бројот на советници во овие единици на локалната самоуправа“, вели Арбер Адеми од ДУИ.
„Во случајов, за потребите на дневната политика и за ситни политички поени пред локалните избори, Владата дозволува да има ваква дискриминација во општините. Очекуваме Владата под итно да ја укине оваа одлука“, коментира Скендер Реџепи од движењето „Попули“.
Од „Вреди“ пристигна брз одговор. Од владиниот коалициски партнер велат дека ДУИ јавно ја признава вината за бришење на дијаспората од Пописот, обвинувајќи ги интегративците дека направиле политичка зделка за да молчат за неправдите со години, а дека сега прават нов „пазар“ за заеднички листи на локалните избори.
Петар Догов











