Собранието денеска распиша оглас за пополнување на упразнетото место во Антикорупциската комисија, откако претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска си поднесе оставка под притисок на обвиненијата за две кривични дела. Роковите за избор на нов антикорупционер, меѓу кои и времетраењето на огласот од 10 дена, изборот на кандидатот во Комисијата за избори и именувања и негово гласање на пленарна седница, ќе го бркаат крајниот рок за распишување на локалните избори – 10 август, за да не влезат во перидот на распишани избори, кога законот не дозволува нови вработувања и именувања.
Соочен со ваквиот исход од огласот за нов антикорупционер, претседателот на Собранието, Африм Гаши, на брифинг за новинарите, најави дека ќе побара правно толкување на законот за да види дали може и по распишани избори Собранието да изгласа нов антикорупционер, доколку се преклопат роковите.
„Ќе треба да видиме како тоа правно ќе треба да го анализираме затоа што не се одредбите докрај прецизни дали можеме во време кога се распишани избори да се направи избор или да се назначи претседател на Комисијата за спречување на корупцијата или пак народен право бранител“, вели Гаши.
Дилемата, пак, околу роковите за избор на народниот правобранител донекаде го реши Комисијата за избори и именувања која денеска експресно утврди име за нов обдусман, Фатон Селами, кој Собранието има време до распишување на изборите да го изгласа доколку има бадинтерово мнозинство.
„Во интерес на државата и на сите граѓани е да што побрзо имаме народен правобранител. Јас би направил се што можаме да ги скратиме роковите или во најбрз можен рок да избереме народен правобранител“, вели Гаши.
Гаши, пак, за недоверба која Собранието му ја изгласа на Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, со став дека сега е ред на самиот државен јавен обвинител, владата, советот на обивнители да се изјаснат по одлуката на народните избраници. Коцевски кој денеска беше во Битола, не сакаше да ја коментира одлуката на Собранието.
„Нема да дадам изјава во однос на тој дел, затоа што навистина го ценам вашиот интерес и актуелноста на состојбата, но меѓутоа денеска – не“, изјави Коцевски за Телма.
Коцевски вчера во интервју соопшти дека нема намера да се повлече и оти политиката им ја остава на политичарите.
Во контекст на претстојните локалните изборите, собранискиот спикер најави дека ќе ги распише меѓу 5 и 10 август, а оти законодавците ќе одмораат од 4 до 22 август, освен за итни случаи предвидени со закон.
Тамара Грнчароска











