Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Битка на „тешкашите“ во албанскиот политички блок на локалните избори

/

пред 442 дена

Сподели преку :

Денеска рамо до рамо со премиерот, претставувајќи ја Владата на свечен настан. Но, таа улога за брзо ќе ја замени со борбата на локално ниво. Изет Меџити е подготвен вицепремиерските и министерски должности да ги остави за градоначалничката трка.

Вчера јасно порача – „ја напуштам Владата и се враќам кај мојот народ“ – оваа порака ја испрати на социјалните мрежи веднаш откако беше официјално определен за кандидат на Вреди во Чаир.

Само неколку часа пред да се огласи Меџити, на социјалните мрежи објава пристигна и од неговиот противкандидат, Бујар Османи од ДУИ. Интегративците пред десетина дена објавија дека тој ќе биде нивниот кандидат за скопски Чаир, а со тоа започнаа и неговите теренски активности како подготовка за кампањата и трката по гласови.

Токму изборниот судир помеѓу Меџити и Османи во Чаир јавноста го препозна како клучен во албанскиот политички блок. За дел од политичките аналитичари, со тоа се порамнуваат „стари сметки“ помеѓу поранешните сопартијци.

Аналитичарот Фаризи смета дека Меџити има блага предност поради тоа што Чаир е „мешана“ општина, а вицепремиерот може да смета на поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.

„Изет Меџити во финале ќе се пресметува со заменикот претседател на ДУИ и еднаш засекогаш ќе се знае кој бил најмоќниот човек во таа политичка партија. На минатите парламентарни избори Изет Меџити победи во однос на ДУИ и особено во однос на Артан Груби. И сега ако го победи вториот човек што му правеше проблеми во таа политичка партија, тоа би значел крај за ДУИ во градот Скопје“, оценува Љуљзим Фаризи, политички аналитичар. 

Фаризи анализира дека интегративците играат на таа карта дека победа на локалните ќе предизвика предвремени парламентарни избори, но вели – мнозинството во Собранието има над 78 пратеници. Вчера, владиниот коалициски партнер Вреди ја објави одлуката на претседателството, од државни функции да префрли осум функционери и да ги кандидира на изборите – меѓу нив двајца министри и шест директори. Во Кичево ќе се кандидира министерот за социјална политика, Фатмир Лимани. Во Тетово кандидат ќе биде актуелниот градоначалник Биљал Касами, додека во Струга, Вреди ќе го поддржи независниот Менди Ќура.

„Претседателството на Влен заклучи дека примарната цел на овој субјект останува да предложи најприфатливи кандидати за граѓаните, градоначалници кои ќе им служат на нивните локални интереси. Сѐ уште немаме конечна одлука за некои од општините како што се Гостивар, Врапчиште, Студеничани и Чашка. Во разговор сме со некои потенцијални кандидати коишто ќе може да бидат понудени. Целта е да се одберат најдобрите имиња за овие општини“, кажа на вчерашната прес-конференција Азир Алиу од Вреди. 

Според политичките аналитичари, локалните избори сега ќе послужат и за актуелните градоначалници кои повторно ќе се кандидираат, да дадат отчет за тоа што го имаат сработено.

Инаку, вчера и Алијансата за Албанците односно крилото коешто е во Европскиот фронт, објави три имиња за градоначалници за претстојните избори. За Струга го определија докторот Арсим Далипи, Илиријан Фетаху за Дебар и Скендер Исуфи за Арачиново. Одлуката ја соопшти партискиот лидер, Зијадин Села.

Петар Догов