Во 2024 имало дури 17.000 помалку официјално вработени отколку во претходната 2023 година, односно намалување на бројот на вработени од скоро 3 отсто. Според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, 2024 година била завршена со над 556.000 официјално вработени кои плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување, најмал број вработени во изминатата деценија.
Во 2023 година имало над 573.000 вработени. Само за една година, бројот на вработени е намален за над 17.000. Ова е најголем пад на бројот на вработени во изминатите 15 години. На пример, во ек на пандемија на коронавирусот во 2020 година, биле изгубени 10.000 работни места. Во сите останати години бројот на вработени расте.
Во Владата велат дека се работи за бројка што се менува на дневна основа и оти оваа бројка важела во моментот на изготвувањето на извештајот на Фондот за ПИОМ.
„Бројот на активните осигуреници е категорија која секојдневно се менува, бидејќи секојдневно има нови засновувања на работни односи, исто како и прекини. Работниот однос е оној врз чија основа се воспоставува приемот во пензиското и инвалидското осигурување. Фондот не прави анализи за причините поради кои има движење на бројот на активни осигуреници кои се во работен однос или го прекинале работниот однос“, велат во Владата.
Бизнисмените велат дека вакво намалување на бројот на вработени мора да биде предмет на сериозна анализа во која ќе се земат предвид сите расположливи податоци.
„Треба внимателно да се изанализираат сите податоци кои се расположиви во овој момент, од оние кои се активни баратели до оние кои реално работат во официјалниот дел од економијата, во неофицијалниот дел од економијата и нормално треба со големо внимание да се земе и бројот на лица кои се иселиле од нашава земја, а кои не го одјавиле својот престој во земјава и сите овие бројки треба да се стават на исто место и да се направи внимателна анализа и да се утврди. Претпоставувам дека иселувањето е еден од највлијателните фактори за намалување на оваа бројка на официјално вработени лица во сите македонски компании“, вели претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски.
Намалувањето на бројот на вработени дополнително ќе ја продлабочи и онака длабоката дупка во пензискиот фонд. Во 2024 година имало по 611 пензионери на секои 1.000 вработени, што е најлош сооднос во изминатите 15 години. Сега 1,63 вработени треба да ја обезбедат пензијата за еден пензионер.
Според податоците на Агенцијата за вработување, има 97.000 невработени и уште 43.000 луѓе кои бараат работа. На оглас има над 8.000 слободни работни места.
Срѓан Стојанчов











