Денеска не очекува променливо облачно и нестабилно време со локални врнежи од пороен дожд и грмежи, информира Управата за хидрометеоролошки работи. На одделни места процесите ќе бидат поинтензивни, со можност за краткотрајно невреме, пообилни врнежи, засилен ветер и појава на град.
Температурите ќе се движат од минимални 12 до 19 степени, додека максималните ќе достигнат од 24 до 29 Целзиусови. Во Скопје времето ќе биде слично — променливо облачно, со услови за нестабилност, пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Температурата во главниот град ќе се движи од 16 до 27 степени.
Според најавите, утре се очекува појава на изолирана нестабилност со умерен до засилен северен ветер, додека од четврток времето ќе се стабилизира и ќе биде потопло со постепен пораст на дневните температури.











