Основното јавно обвинителство Гевгелија отвори истрага против едно лице под сомнение дека сторило кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, како и уништување службен документ.
Осомничениот, кој во својот дом чувал 26,42 грама кокаин, се соочува и со предлог за определување мерка притвор.
Како што соопшти ОЈО, кокаинот и други предмети со траги од дрога биле пронајдени при претрес на 1 август, во јакна закачена во ходникот од неговиот дом.
Дополнително, за време на претресот, на осомничениот му била врачена судска наредба со службен печат на МВР, која тој ја искинал пред полициските службеници.
Со тоа, сторил и кривично дело одземање или уништување службен печат или спис, според член 390 од Кривичниот законик.
Обвинителството смета дека постојат законски основи за притвор, поради што е доставен официјален предлог до судија на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија.
Истражната постапка е во тек.











