За првпат се воведува формално образование за деца кои се наоѓааат на подолг болнички престој, но и за оние кои се лекуваат во домашни услови поради сериозни здравствени состојби. За овие деца не постојат само здравствени предизвици кои треба да се надминат, туку и образовни, затоа што не се во можност да посетуваат настава поради подолготрајно лекување. Кај децата со малигни заболувања третманот трае некогаш и до две години, во зависност од самата патологија, но првите шест месеци од третманот мораат да бидат цело време на клиника. Во проектот се вклучени деца кои се повеќе од три месеци на лекување да добијат образование прилагодено на нивните можности и нивната болест.
„Тоа ќе се одвива на два начина. Синхроно со онлајн настава: кога овие деца ќе бидат вклучени во нивното одделение, со нивните наставници за да го стекнат потребното знаење или асинхроно, бидејќи тие не можат во секој миг да бидат присутни во својот клас заедно со наставникот кој ќе биде определен за тоа, ќе добие посебен третман, едукација, дали со задачи, дали домашни со учење на лекции и секако со вербална комуникација на наставникот“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
„Вклучувањето на децата од болница во формалното образование значи половина здравје, бидејќи доброто ментално здравје кај овие млади пациенти значи дека многу полесно и мотивирано ќе го минат долготрајниот пат на лекување“, изјави Реџеп Мемеди, директор на Универзитетска клиника за детски болести
За овој проект се формирани работни групи од министерството за здравство, министерството за образование и наука и Клиниката за детски болести за да се утврди што сè е потребно дополнително во овој процес кој го иницираше невладината САНО – Здружение кое им помага на децата со канцер.
„Морам да признаам дека нашите 10 години не се толку тешки, како што е барем еден ден на децата во болница. Се надевам, убедена сум, и ние во САНО цвртсо веруваме, дека со овој проект со воведувањето на формалното образование, децата ќе имаат можност побрзо полесно да оздрават и да се вратат назад меѓу своите другари“, изјави Марија Вук, претседателка на НВО САНО.
Доколку е потребно и повредените ученици од пожарот во Кочани ќе бидат вклучени во ваков вид на образование, но за тоа ќе се знае во септември по анализата на МОН.
„Иако јас не сум сигурна дека се многу тие деца. Децата што завршуваат четврта година, дел веќе полагаа матура. Мислам дека едно до две дечиња се оставени сега да полагаат матура. Сега е лето ќе направиме анализа доколку има потреба дефинитивно ќе бидат вклучени“, додаде Јаневска.
Во меѓувреме, министерството за образование креира методологија и материјали што децата ќе треба да ги поминат, со цел да ги добиваат здравствените но и образовните услуги.
Нина Стефанова











