Во тек е обуката на 364 лица кои се јавија на јавниот оглас за сезонски пожарникари. Од нив, 34 се од Скопје, а останатите доаѓаат од различни градови низ државата. Дел од пријавените биле одбиени поради неуредна документација. Тренингот се реализира во 13 регионални центри во 28 општини и опфаќа теоретски и практичен дел. Идните пожарникари се обучуваат за техники на гаснење пожари, користење на опрема, а во соработка со Црвениот крст, поминуваат и обука за прва помош. Денеска кандидатите имаа симулација на пожар на отворен простор.
„Мислам дека сум доволно подготвен да ги поминам сите проверки за да станам професионален пожарникар. Потребни се нови млади генерации за успешно справување со пожарите во Македонија“, изјави кандидатот Никола Јордановски.
„Секое знаење што го добивам е корисно и за мене и за другите, особено ако се најдеме во ситуација каде што треба да помогнеме“, рече Јован Георгиевски, учесник во обуката.
Оние за кои ќе се направи проценка дека можат да се вклучат во гаснење пожари без или со минимален ризик, ќе бидат испратени на терен веќе од следната недела. Селекцијата ќе се врши постојано, со цел избор на најподготвените кандидати кои може да продолжат како професионални пожарникари.
„Најголем дел од лицата ќе бидат распоредени во територијалните единици. Доколку има потреба, Дирекцијата за заштита и спасување може да ги повлече и во тимовите кои интервенираат при големи пожари. Тоа значи дека имаме и регионално распоредување и според местото на живеење, но и низ целата територија на Македонија“, изјави Зоран Кочовски, претседател на Противпожарниот сојуз на Македонија.
Секој ангажиран пожарникар ќе добива месечен надомест од 24.000 денари.
Емилија Мисирлиевски











