Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во објава на Фејсбук насловена како „Ненаучена лекција“ реагираше на националистичките скандирања на навивачите на Шкендија за време на натпреварот со Карабах на Националната арена.
Во објавата, претседателката посочува дека само со заедничка доследна и бескомпромисна битка со шовинистичките изблици, без оглед чии се, ќе градиме здраво општество.
-Сеопштата осуда на навивачкиот примитивизам на сите ни влеа надеж за цврста решеност за справување со овој неспортски феномен. Просветителски звучеа апелите за ставање крај на националистичките и шовинистички повици од трибините. Но, вчерашните сцени од меѓународниот натпревар Шкендија – Карабах беа реприза на кумановската трагична приказна. Хипокризија и цинизам е селективното реагирање на неспортскиот вандализам. Само со заедничка доследна и бескомпромисна битка со шовинистичките изблици, без оглед чии се, ќе градиме здраво општество, потенцира Сиљановска Давкова во објавата.
Претходно, претседателката реагираше и на скандирањата на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово во саботата, посочувајќи дека е неспортски е да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза и навредување.
Две лица се повикани во полиција за скандирање на говор на омраза во салата во Куманово











