Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Покачувањето е повеќе од ургентно, три четвртини од луѓето во медиумите се под просек – ССНМ бара зголемување на минималната плата

/

пред 442 дена

Сподели преку :

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) е недвосмилено за зголемување на минималната плата. Ставот на ССНМ кореспондира со актуелните барања на дел од синдикатите и вели дека покачувањето е повеќе од ургентно.

„Владата и синдикатите преговараат за финансиска иднина на работниците, иднина во која новинарите и медиумските работници не смеат да бидат одминати. Последната опсежна анкета на ССНМ објавена во јануари 2024 покажа дека во медиумите повеќе од 50 проценти од вработените имаат примања под просечните, а голем дел од вработените се зависни од висината на минималната плата пропишана со закон. Со оглед дека платите во медиумскиот сектор, речиси, и да не поместени од мртва точка во изминатите две години може слободно да се каже дека три четвртини од ангажираните во медиумите сега се под просечната плата, а се повеќе се зголемува бројот на оние кои се на минимална плата. Поради фактот дека голем дел од вработените во медиумите се директно поврзани со висината на минималната плата, ние како легитимен претставник на работничките права на новинарите и медиумските работници, бараме што е можно побрзо нејзино покачување“, соопшти ССНМ.

Според новинарскиот синдикат, корекцијата е неопходна, бидејќи, како што се наведува во соопштението, „моменталната висина на минималната плата е недостојна за пристоен живот на работниците, меѓу кои и на новинарите и медиумските работници“.

„Социјалниот статус на новинарите и медиумските работници во земјата е на многу ниско ниво, а праксата досега покажала дека тој директно влијае врз степенот на мотивација, професионалност и посветеност што не смее да биде под знак прашање за тие што водат сметка за јавниот интерес во државата. Притоа нагласуваме дека во оваа професија неретко се случува луѓето да бидат истовремено ангажирани на повеќе работни места, за што најексплицитен пример се локалните медиуми, во кои вработените често се ангажирани и на три работни позиции, најчесто на минималец“, велат од ССНМ.