Поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи и сегашен кандидат на ДУИ за градоначалник на Чаир имал дивоградба која е легализирана, тврди неговиот противкандидат од ВРЕДИ, Изет Меџити.
Меџити го обвини Османи дека е лицемер кога зборува за дивоградби и решавање на проблеми со кои се соочуваат посиромашните граѓани кои живеат во нелегализирани објекти.
-Добро е Бујар Османи пред да зборува за дивоградби да каже дека живее во дивоградба. Куќата која е изградена од него, е изградена како дивоградба и е легализирана. Тој најмалку има морално право да зборува за тоа. И да е легализирана сега ,куќата беше изградена како дивоградба. Тој цело време беше министер, беше на неколку функции, има легализирана дивоградба, а сега зборува за дивоградбите на обичните граѓани, на социјалните случаи кои немаат други можности, ни одговори Изет Меџити.
Османи само кратко негираше преку порака.
-Лажна вест. Немам јас куќа моја. Живеам во куќата на мојот покоен татко, ни одговори со СМС порака, Бујар Османи.
Во последниот анкетен лист во Антикорупциска стои дека Османи како министер пријавил куќа од 400 квадратни метри, во сопственост на родителите, купена во 2012-та со вредност од 11 милиони денари односно околу 180 илјади евра. Легализациите се вршеа на куќи кои се изградени до јуни 2011-та.
Но, дека нема сопствена туку куќа на родители пријавил и самиот Изет Меџити. Во неговиот имотен лист во ДКСК стои дека куќата е купена 2017-та и вреди околу 150 илјади евра. Стои дека е во Катастарска општина Чаир. Меџити кој се уште е вицепремиер не одговори на нашето прашање дали по адреса е жител на општина Бутел како што има тврдења во јавноста.
-Кога ќе има официјална кампања ќе Ве известиме. Тоа се технички работи. Роден сум и сите овие години живеам во Чаир, рече Меџити.
Меџити оцени дека дивоградбите нема да бидат главна тема на изборната кампања во Чаир поради веќе почнатиот мораториум. Од друга страна пак Османи во интервју оцени дека жителите на становите кои едвај заработиле за живеалиштата не треба да бидат жртви на системот туку да се најде решение за нивното проблеми.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска неколкупати посочуваше дека нови дивоградби во Чаир се легализираат со стари бројчиња и поднесе пријави и документи во обвинителството кое речиси два месеци заедно со полицијата истражува.
Миомир Серафиновиќ











