Четворица обвинети за трговија со дрога од групата на Раде Трајковски Штекли кои признаа вина денеска беа осудени на затворски казни од 4 до 5 години. Данчо Масев и Димитар Трајчов добија по 4 години зад решетки, а по 5 години Бранислав Зајков и Владимир Веселиновски. Судијата Илија Трпков донесе одлука со која што се запленуваат работите кои што биле искористени при вршење на кривичните дела меѓу кои и скапиот мерцедес на Масев, вреден неколку стотина илјади евра.
Инаку Масев е поранешниот спортски директор на македонската фудбалска репрезентација кој беше разрешен од функцијата спортски директор на почетокот од оваа година, веднаш по отворањето на истражната постапка.
Судењето за останатите седум обвинети продолжува на 3 септември кога вештаците на обвинителството и на одбраната ќе треба да ги објаснат спротиставените мислења за психичката состојба на Трајковски. Вештаците на обвинителството тврдат дека Трајковски е способен да го следи судењето, додека оние на одбрнана дека обвинетиот треба да е хоспитализиран на клиниката за психијатрија, бидејќи страда од психотично растројство со шизофрени карактеристики.











