Одделот за криминалистичка полиција (ОКП) поднесе кривична пријава против Б.Х., претседател на фудбалскиот клуб Башкими од Куманово, и против фудбалерот А.Ј., како и против П.Ѓ, спортски директор на фудбалскиот клуб Кожуф од Гевгелија, против тренерот (С.Г.) и тројца фудбалери на гевгелискиот второлигаш (Б.К., Ј.П. и К.С.). На товар на спортските директори на двата клуба се ставаат кривичните дела „измама“, „неовластено давање на подароци“ и „соизвршителство“, додека четворицата фудбалери и тренерот на Кожув се товарат за „измама“ и „соизвршителство“, соопшти министерството за внатрешни работи (МВР).
„Имено, првопријавениот Б.Х., во својство на претседател на ФК „Башкими“, со намера за својот фудбалски клуб да оствари пласман во Првата македонска фудбалска лига или бараж за влез во Првата македонска фудбалска лига, на фудбалски натпревар одигран на 06.05.2025 во Гевгелија меѓу екипите на ФК „Кожуф“ и ФК „Башкими“, ги довел во заблуда Фудбалската федерација на Македонија и останатите клубови- членки на федерацијата. Тој ги држел и одржувал во заблуда со прикривање на факти што се однесуваат на лажиран спортски натпревар или наместен резултат на спортската игра, со неовластено давање на подароци на второпријавениот П.Ѓ. со намера истиот да ги запостави интересите на ФК „Кожуф“ и Фудбалската федерација на Македонија, што го организирала натпреварот, за да се постигне резултат кој не зависи од спортската игра и правилата на спортскиот натпревар“, се наведува во соопштението на МВР.
Тоа, велат од МВР, „го сторил на начин што првопријавениот преку третопријавениот А.Ј. договорил средба и обезбедил телефонски контакт од второпријавениот П.Ѓ., на која средба присуствувале прво, второ и трето пријавениот, при што второпријавениот се согласил да прими и примил подарок од првопријавениот – пари во вредност од 10.000 евра, за себе и други лица“.
„П.Ѓ., пак, по примање на наградата, преку С.Г. влијаел врз Б.К., Ј.П. и К.С., кои прифатиле да не покажат доволно ангажирање на натпреварот согласно со нивните спортски можности и фудбалската игра, запоставувајќи ги интересите на ФК „Кожуф“, а во корист на ФК „Башкими“, со што на натпреварот бил постигнат резултат 1:2 во корист на ФК „Башкими“ и со така освоените три бода им овозможиле на ФК „Башкими“ да се пласираат на третото место во Втората македонска фудбалска лига, со што се стекнале со можност да играат во бараж за пласман во Првата македонска фудбалска лига“, наведуваат од МВР.
Еден од пријавените по насоки на јавен обвинител е лишен од слобода за обезбедување дополнителни докази и спроведен во ОЈО Гевгелија за натамошна постапка, посочуваат од МВР.











