Со гранки и лопати, среде ноќ се гаснеше пожарот во шумата помеѓу селата Рогачево и Јажинце на тетовско подрачје. Иако неколку денови интервенираа специјализираните возила, хеликоптери и авиони, една линија од овој пожар поради непристапен терен го изгаснале жители од Рогачево.
Од Дирекцијата за заштита и спасување признаа дека во овој случај ангажманот на мештаните бил клучен за спречување на огнот, а воедно елиминирана е потенцијална опасност по локалните патишта.
„Со овие храбри луѓе успеавме да изгасиме на цела линија во текот на ноќта некаде околу 1.30 после полноќ. Пожарот којшто ќе се симнеше повеќе од сигурно на патот и ќе направеше големи неприлики. Ви благодарам, од мое име и од име на дирекцијата за заштита и спасување. А со што гасневме, со гранки. Затоа што овде ни „Пинц“ не се качува, само диви кози и храбрите луѓе од четата на Цветко од Рогачево“, изјави Стојанче Ангелов.
Иако повеќе пати се гаси, овој пожар веќе формира и линија која се движи кон скопското подрачје,кон селото Дворце.
Според Ангелов на тој дел веќе се работи на превентивни активности, односно огнот се чека од противпожарната бригада од Скопје.
И понатаму овој и пожарот во ловиштето Јасен се најопасните огнени стихии со кои се борат пожарникарите повеќе денови.
Огнениот крак што го има под асфалтнот пат во Јасен е сè уште активен, а Ангелов вели дека имаат план како да се спречи и тој оган.
„Стратегијата е на наредното место каде што има мала вегетација, односно еден гребен, карпест гребен, истиот да биде пресретнат и овде да биде конечно стопиран. Верувам дека во текот на денешниот ден имаме добри шанси да го стопираме и да го ставиме под делумна контрола“, изјави Стојанче Ангелов.
Низ целата државата во текот на денот се изгаснати десетина пожари на отворен простор.
Александар Самарџиев











