Заострена реторика и жестоки обвинувања. На два месеци до изборите, партиските соопштенија се сѐ почести, а фокусот во нив е главно на политичките опоненти. Кој вети Европа, а кој донесе „српски свет“?! – Партиите од албанскиот блок со меѓусебни преписки за лаги и неуспеси. Владиниот коалициски партнер „Вреди“ ја прозва Демократската унија за интеграција дека одамна не ги штити интересите на Албанците во Македонија, со тоа што го отворила патот за економско и политичко влијание од Белград. Набрзо потоа, остро возвратија и интегративците.
„Под водство на ДУИ, земјата беше преплавена со сомнителен српски и црногорски капитал. Во 2025 година, ДУИ отворено се обидува да ја дестабилизира државата, водејќи политика на уцени и блокади. Оваа стратегија служи само на Србија и сериозно ја загрозува евроатлантската ориентација на Македонија“, обвинуваат од „Вреди“.
Од ДУИ велат – „Вреди лаже на секој чекор“, со контра-обвинување дека „Вреди“ се тие што донеле „српски свет“. Од партијата на Ахмети велат дека изборите наесен ќе бидат „народен референдум“, за да се каже „не“ на лагите и на зависноста од Белград.
„„Вреди“ лаже на секој чекор. Ветија албанска банка, донесоа српска банка. Ветија европска интеграција, донесоа „српски свет“ и руско влијание. Ветија независно одлучување, донесоа зависност од Вучиќ и Белград“, со контраобвинување од ДУИ.
Порака до интегративците денеска испрати и претседателот на владата, Мицкоски. Во однос на измените на Изборниот законик кои викендов паднаа на „Бадентер“, премиерот прстот го впери во Демократската унија за интеграција.
„Очигледно е дека во рамки на нивната структура имаат големи проблеми. Се обидуваат со одредени трикови да прават притисок за да бидат повторно во Владата. Ќе мора да се навикнат, да извлечат поука, да се реформираат и можеби на некои од следните избори ќе бидат конкурентни“, порача премиерот Христијан Мицкоски.
Во меѓувреме, на 23 август започнува јавниот увид во Избирачкиот список, во пресрет на локалните избори на есен. Ќе трае 20 дена, до 11 септември на полноќ. ДИК ќе го потпише заклучениот Избирачки список најдоцна до 3 октомври.
Петар Догов











