Се повторува историјата од лани за персоналните асистенти и негователи на лицата со попреченост. Доцни исплатата на надоместоците за јули. Од Коалицијата „Менуваме“, која што ги застапува правата на лицата со попреченост и е еден од провајдерите на исплатата на надоместоците, велат дека ова е епилогот по месеци доцнење на исплатата и за мај и јуни, која Министерството за социјална политика, демографија и млади ја извршила на 19 август. Овој проблем ги доведува персоналните асистенти на лицата со попреченост и негователите во состојба на сиромаштија, децидни се од Коалицијата.
„Луѓето, сакале-нејќеле, ги инволвира да бидат во енергетска и социјална сиромаштија и да немаат луѓето како да егзистираат. На пример, три месеци ја водам фокус групата која уште работи и следам како луѓето се доведени во ситуација. Една жена, која ја моли координаторката, вели „те молам помогнете ми, дајте ми барем една плата да не нѐ избркаат од дома, зашто сум под кирија“. А, плус е самохрана мајка, замислете!“, изјави Суарет Алишан од Коалиција „Менуваме“.
Од Коалицијата „Менуваме“ стравуваат дека надоместоците за личните асистенти и негователите на лицата со попреченост ќе доцнат и за октомври, ноември и декември. Тоа го утврдиле по проверката на спроведениот ребаланс на буџетот.
„Грешката, пак ќе ви кажам, е во Министерството за социјална политика. Како може тие да незнаат да направат буџет, нели? – Ти предлагаш буџет, знаеш колку корисници имаш. Дали ги користат алатките кои што ги имаат или не ги користат алатките, или незнам што е“, додава Алишан.
Согласно законот, личните асистенти и негователите треба да добиват надоместоци во висина на минималната плата во државата. Но, тие од провајдерите добиваат 19.500 денари месечно од околу 30.000 денари, колку што им доделува ресорното министерство, зашто провајдерите задржуваат дел за административни трошоци, Персонален данок, за личен доход и сл.
За проблемот со доцнењето на надоместоците, од Коалицијата „Менуваме“ побарале средба со министерот Лимани и со неговиот заменик Велковски и чекаат одговор. Доколку до септември не се надмине проблемот, тие ќе излезат на протести, дополнува Алишан.
Телма побара одговори од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Но, до почетокот на вестите не ги добивме.
Сотир Трајков











