Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Тротинети, брзина и невнимание – МВР со загрижувачки бројки

/

пред 420 дена

Сподели преку :

Пешак од Украина загина во сообраќајка кај Долно Блаце. Две ученички од Школата за музичка и културна дејност „Дрита“ го загубија животот во несреќа со мотоцикл. 19-годишник почина на патот Струга–Дебар, откако автомобилот со кој управувал излетал од коловозот. Само за три дена регистрирани се 11 сообраќајки со повредени и жртви. Ова се само дел од трагичните настани кои изминатата недела го полнат полицискиот билтен. Во првата половина од 2025 година биле регистрирани и голем број сообраќајни незгоди со електрични тротинети.

„Во првата половина на 2025 година регистрирани се 53 сообраќајни незгоди со електрични тротинети. Во нив настрадале 46 учесници – 10 со тешки повреди, 35 со полесни, а еден го загубил животот. Меѓу повредените има и 16 деца“, соопштија од МВР.

За сè поголемиот број на сообраќајни несреќи, виновни се и пешаците и возачите, коментираа граѓаните. Велат, решение е воведување на уште повисоки казни.

„Најчеста причина за сообраќајни незгоди е невниманието на учесниците. Тука спаѓаат и алкохол, непочитување на сообраќајни знаци и пречекорување на брзината. Сметам дека тоа би се решило со повисоки казни.“

„Причината за сообраќајките е невнимание и кај возачите, и кај пешаците. Потребно е поголемо внимание и да не се користат телефони за време на возење.“

„На патиштата каде е дозволено 60 километри на час, возачите често возат и по 100. А навечер состојбата е уште полоша – тоа е вистински хаос.“

„Мора да има построги казни“, ова се мислењата на граѓаните кои ги анкетиравме. 

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелираат особено до возачите на електрични тротинети да бидат повнимателни и да ги почитуваат правилата.

„Електричен тротинет може да управува само едно лице, со максимална брзина од 25 километри на час на велосипедска патека, односно до 6 километри на час на пешачка патека. Никако не смее да продолжи практиката на возење двајца на еден тротинет. Исто така, препорачливо е возачите да користат заштитна кацига“, изјави Дејан Андоновиќ од РСБСП.

МВР и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата започнаа кампања за безбедно учество во сообраќајот со електричните тротинети. Сметаат дека со кампањата ќе се намали бројот на повредени.

Тамара Марковска