Климатските промени го менуваат времетраењето и интензитетот на врнежите, а тоа на долг рок се одразува и на динамиката на посевите и приносите во земјоделството. Струмичките земјоделци веќе почнуваат да стравуваат дека резервите со вода ќе бидат еден од најголемите проблеми во аграрот во следните години.
„Меѓутоа сведоци сме од теренот дека во нашиот регион има сè помал пристап до вода, сè помалку количини на вода и мислам дека во следните години ќе биде тешко производството, ако не дојде до промена на климата, односно да паѓаат огромни количини на вода. Или ќе мора да се најде чаре, како земјоделците да ги снабдуваат културите со вода“, вели Ристо Велков, агроном и земјоделец.
Некои агро-експерти предлагаат да се прават повеќе акумулации, па дури и индивидуални базeни за собирање на дождовница и понатаму нејзино користење за наводнување. Но, Велков смета дека тоа не е вистинско решение, особено што последната деценија се карактеризира со долги суши и нерамномерни врнежи.
„Мислам дека тоа ќе биде многу тешко, особено начинот како да се акумулира таа вода во одредени временски периоди, имаме мали врнежи во текот на годината. Засега најсигурен извор на вода за земјоделците се бушотините кои, пак, постојано губат од издашноста, што повторно укажува на криза за вода“, додава Велков.
Решението за недостаток на вода во аграрот, според некои студии, треба да се гледа во инвестирање во ефикасни системи за управување со вода, но и подигање на јавната свест за ефикасно управување со водата. Во земјава постои недоволно развиена инфраструктура за системи за наводнување во земјоделието, а поголемиот дел од нив се стари и повеќе од 50 години, дотраени и од нив се губи речиси 40% од водата пред да дојде до полето.
Сузана Мицева











