Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Надоместоците за јули за личните асистенти и негователи на лицата со попреченост се исплатени, велат од Министерството за социјална политика

/

пред 423 дена

Сподели преку :

Надоместоците за јули на персоналните асистенти и негователи на лицата со попреченост се исплатени минатата недела, откако Министерството за социјална политика, демографија и млади ги одобрило на 8 август. Вака гласи одговорот од министерството, откако во саботата од Коалицијата „Менуваме“, која што е еден од провајдерите за исплата на надоместоците, се пожалија дека сѐ уште доцнат парите за јули, а задоцнетата исплата за мај и јуни била реализирана на 19 август.

„Надоместоците на личните асистенти за месец јули, Ве информираме дека се исплатени во текот на минатата недела. Од страна на министерството одобрени се средствата на 08.08.2025 година, а во текот на минатата недела од центрите за социјална работа парите се исплатени до провајдерите. Министерството за социјална политика, демографија и млади продолжува да се залага за навремена исплата на сите надоместоци наменети за граѓаните, со акцент на ранливите категории“, велат од министерството за социјална политика, демографија и млади.

Овој одговор е спротивен на ставот на Коалицијата „Менуваме“, од каде алармираа дека доцнењето на исплатата на надоместоците за личните асистенти и негователи на лицата со попреченост доведува до сиромаштија дел од корисниците на средствата, зашто живеат од таа работа, а меѓу нив има и самохрани мајки..

Од Министерството за социјална политика нема конкретен одговор на прашањето на Телма, за стравувањата дека може да доцни и исплатата на надоместоците за октомври, за ноември и за декември, зашто ресорот, како што рекоа од Коалицијата „Менуваме“, не предвидел пари со ребалансот на буџетот.

Остана неодговорено и прашањето за причините зошто втора година по ред личните асистенти на лицата со попреченост се судираат со истиот проблем и дали и кога ќе се реализира средбата меѓу Коалицијата, нејзината фокус група и министерот и заменикот министер за социјална политика, за што веќе им е испратено барање.

Согласно законот, личните асистенти и негователите треба да добиват надоместоци во висина на минималната плата во државата . Но, тие од провајдерите добиваат 19.500 денари месечно, од околу 30.000 денари, колку што им доделува министерството за социјална политика. Провајдерите задржуваат дел за административни трошоци, Персонален данок, за личен доход и сл.

Сотир Трајков