Во текот на целото лето, и особено деновиве, најчестата причина за посета на ургентната амбуланта при Универзитетската клиника за детски болести се стомачните вируси со симптоми на повраќање и течни столици, во одредени случаи и покачена телесна температура. Најподложни се доенчињата и помалите деца.
„И впрочем акутната дехидратација е најчестата причина која што иницира и хоспитализација на овие деца. Во моментов имаме повеќе од 20 пациенти“, ни изјави д-р Елена Симоновска од Универзитетска клиника за детски болести.
За педијатар Симоновска важно е во пресрет на почетокот на учебната година да се подигне свеста за хигиената во училиштата, миење на рацете за да се превенираа ширењето на овој вид инфекции. Да се конзумира свежо подготвена храна и термички добро обработена.
Зголемен број на амбулантски прегледи бележи и Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле. Дел од нив се и хоспитализирани.
„Имаме зголемен број прегледи од 90 до 100 прегледи за 24 часа, но најчесто со симптоматологија енетерални инфекции, стомачните вируси, со течни столици и повраќање. Од нив изолираме РОТА вируси кај деца кои што не се вакцинирани со РОТА вакцината, како и аденовирусни инфекции пропратени со висока температира и стомачните тегоби, со течни столици и повраќање. По враќање од одмор има, исто така, и вирусни отити (воспаление на уво) и горнореспираторни инфекции“, вели д-р Љуљијета Мустафа Рамадани од Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле.
Доктор Мустафа Рамадани додава дека веќе од септември стомачните вируси нема да може да се третираат на нивната клиника, затоа што станува збор за патологија која не е во нивна надлежност, имајќи предвид дека претстои период кога ќе се зголемува бројот на пациенти со респираторни инфекции.
Нина Стефанова











