Малолетничките ги снимале со мобилен телефон, а потоа видеото било објавено на социјалните мрежи.
Настанот се случил пред повеќе од два месеца, на 20-ти јуни. Таму се гледа како девојчето физички го малтретираат, го влечат за коса, а во еден момент малолетничките го туркаат кон ѕид и и го удираат со нозе.
Видеото се споделувало на социјалните мрежи и на еден портал, а токму така за настанот дознал и таткото на нападнатото девојче. Тој случајот го пријавил во полициска станица, објаснувајќи дека неговата ќерка ништо не му кажала од страв повторно да не биде нападната.
По преземени мерки од полициските службеници од ЕВР Центар и Бит Пазар, утврдено е дека на 20 јуни околу 14 часот, на улица „Павле Илиќ“ во Скопје, во близина на угостителски објект, 11-годишно девојче било физички нападнато од три девојчиња, а едно девојче го снимало нападот со мобилен телефон. Малолетничките и нивните родители се повикани во полициска станица, и по документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци во врска со кривичните дела „насилство“ и „неовластено снимање“, соопштуваат од мвр.
Психолозите оценуваат дека покрај физичко, нападнатото девојче е жртва и на емоционално насилство, а молкот на жртвите е честа појава при вакви случаи.
Истражувањата покажуваат дека жртвите на секаков вид насилство често молчат, а тоа е најголемата грешка. Молчат затоа што се исплашени, засрамени, бидејки мислат дека општеството нема да ги разбере, уште повеке ке ги етикетира. Од друга страна треба да се зголеми свесноста за ранливоста на жртвата без разлика на кој вид на насилство била изложена и да не биде етикетирана жртвата туку да и се подаде рака, вели психологот м-р Розалија Секуловска.
Секуловска предупредува дека ваквите ситуации можат да остават сериозни последици врз развојот на детето, а ако не се работи системски, секој може да биде изложен на вакво насилство.
Марија Коцева











