Законски смеат да се објават спорните документи за следење во АНБ доколку содржат злоупотреби и кривични дела со следење политичари и новинари.
Сите класифицирани информации кои содржат злоупотреби или кривични дела не се сметаат за тајни и доверливи документи, стои во законот за класифицирани информации. Тоа значи дека информациите кои ги објави АНБ за следење политичари и новинари со злоупотреби, законски не би требало да се тајни и нивно објавување не е кршење на законот.
-Ако со класифицираната информација се прикрива пречекорување на овластување,
злоупотреба на функцијата или некое друго незаконско дејствие, односно казниво дело,
таквата информација нема да се смета за класифицирана.
На лицата кои ќе ја пријават информацијата од ставот 1 на овој член до надлежен орган
согласно со Законот за заштита на укажувачи, им се гарантира заштита согласно со закон, стои во член 21 од Законот за класифицирани информации.
Но, актуелните функционери не се повикуваат на тој член со кој би се расчистиле сомнежите за нова злоупотреба во тајните служби. Премиерот Мицкоски вели дека тридецениската злоупотреба на тајните служби треба да се прекине, но според него нема владина можност за декласифицирање и откривање на спорните документи кои според брифингот на АНБ, содржат злоупотреби и следење. Опозицијата e вознемирена и треба да биде вознемирена, рече Мицкоски кој според раководството на тајната служба АНБ е на листата следени.
-Ценам дека еднаш за секогаш треба да се стави крај на злоупотребата на ресурсите за да влегуваме во туѓите човечки животи. Бедни се тие луѓе кои наместо со себе се занимаваат со други луѓе, порача премиерот Христијан Мицкоски.
На дополнително прашање за декласификација на спорните документи со сомнежи за злоупотреби, Мицкоски смета дека тоа е во рацете на обвинителството, а не на создавачот на тие информации- АНБ.
-Обвинителството е тоа што може да одлучи и да го направи, а не Владата. Тој што ги лиферува тие информации или е правен аналфабет или сака да ја политизира работата, рече Мицкоски.
Обвинителството веќе одговори дека според законот, декласифицирање на документи врши тој што ги направил доверливи, а во случајот тоа е АНБ. АНБ пак вели дека таа одлука е во надлежност на Обвинителството.
Пратеничката Славјанка Петровска го посочи и член од законот за класифицирани информации со кои се определува токму АНБ како надлежна да ги обелодени документите со злоупотреби.
-Декласификацијата ќе ги даде одговорите на сите прашања кои изминативе денови се поставуваат, а власта избегнува да ги одговори, криејќи се зад класифицираните документи. А за декласификација не е потребна судска одлука или насока, како што излажаа од АНБ. Законот за класифицирани информации вели дека „тој што класифицира, тој и декласифицира“. Или попрецизно член Член 14. Промената на степенот на класификацијата го врши создавачот. Во случајот тоа е АНБ, изјави Петровска.
(ПРЕЦИЗИРАЊЕ: Во последната верзија на Законот, материјата ја регулира член 18)
Едно од решенијата е во рацете на надзoрната комисија во Собранието, но претседателот на комисијата Скендер Зејд Реџепи не свикува седница на комисијата надзорна посета на АНБ затоа што како што вели, АНБ и ДБКИ не му издале безбедосна проверка и сертификат за државна тајна со што тој не смее да ги анализира класифицираните информации.
И додека трае политичко-правната дебата, никој не ги објавува доверливите документи со злоупотреби иако за објавувањето на тие документи не се одговара според закон.
Токму примената на законот е дел од новото лого на АНБ, кое е промовирано и во видео спот кој агенцијата го објави за 6-годишнината од постоењето. Тоа гласи „Посветени на заштита, водени од закон“.
Миомир Серафиновиќ











