Тетово го одбележа Денот на независноста, 8 Септември, со манифестацијата „Те сакаме Македонијо“, која полека прераснува во традиција. Втора година по ред, наставниците од основните училишта во градот, кои се одделенски раководители од второ до петто одделение ги организираат учениците со свои музички точки и рецитали да ја покажат љубовта кон татковината.

На градскиот плоштад се чувствуваше празнична атмосфера. Учениците, со знаменца во рацете, со радост ги изведуваа своите точки посветени на татковината.
„Децата со радост се дојдени на градскиот плоштад за да го прославиме роденденот на нашата татковина. Сите имаат знаменца и достоинствено ќе го прославиме овој голем празник. Посакувам уште многу, многу години да го одбележуваме тука на плоштадот и тоа да стане традиција“, изјави наставничката Соња Трифуновска.

Покрај ученици своето учество го зедоа и детските хорови „Крешендо“ и „Лале“, како и културно-уметничките друштва КУД „Шара“ и КУД „Бранко Чајка“, кои со своите изведби и кореографии додадоа посебен колорит на прославата.
Александар Самарџиев











