Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го повика обвинителството да го истражи случајот со можни злоупотреби во АНБ со системите за следење. Не се сомнева дека во моментов постојат исти и дека и него го прислушуваат. Вели дека и на полицијата ѝ се неопходни реформи по трагедијата во Кочани, објави РСЕ.
-Согласно јавно достапни информации кои се споделени од страна на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), сме информирани дека од страна на внатрешна контрола во рамки на АНБ е спроведена внатрешна истрага, при што се утврдени одредени незаконитости, врз основа на кои утврдени факти е доставено известување до надлежен јавен обвинител, кој претпоставувам дека ќе преземе во законски утврден рок соодветни процесни дејствија во рамки на негова надлежност, односно согласно она што пак ќе повторам е јавно достапна информација, на чекор е јавното обвинителство да ги преземе оние надлежности кои се во рамки на неговите законски утврдени надлежности, се со цел да и ние како Министерство за внатрешни работи, особено јавноста, бидат известени за предметните незаконитости кои биле утврдени од страна на внатрешна контрола во АНБ, изјави Тошковски.
Министерот во интервјуто вели дека не се сомнева дека во моментов него го прислушуваат.
-Безбедносните служби секогаш имаат одреден степен на специфичност во рамки на нивната работа. И таму затоа се бираат луѓе кои што треба да имаат повисок степен на авторитет, легитимитет, морал, етика. Љубов кон државата, кон демократски систем и сето она што би требало да е клучно за избор на луѓе кои работат во такви институции. Дали во секој систем би можело да постои можност за злоупотреба? Да. Но не верувам дека денес има злоупотреба. Спротивно на закон да биде слушан било кој новинар, јавен функционер или кој не може да се поврзе со сторување на кривично дело. Искрено не верувам, истакнува министерот.











