Ниту се знае колку точно коли поседува државата, ниту има казни за тие што нема да ги пријават и нема да извадат црвени регистарски таблички до почетокот на предизборната кампања.
Државните возила од денеска почнаа да добиваат црвени регистарски таблички. Надлежните оперираат со бројка меѓу 7000 и 7500 возила во сопственост на сите институции, општини, јавни претпријатија и државни фирми на државно и на локално ниво, но точната бројка ја немаат.
Владата донесе одлука сите државни коли да добијат црвени таблички најдоцна до 15 септември за да бидат препознатливи и да се спречи нивна злоупотреба во изборни цели. Сепак, за тие што нема да ја испочитуваат одлуката не се предвидени казни. Ако не стигнат да извадат такви таблички до 15 септември кога истекува рокот, директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата Ивица Томовски се надева дека ќе извадат до почетокот на предизборната кампања на 29 септември.
„Сакам да потенцирам дека и доколку некој проба да избегне и да не сака да ги брендира тие возила, кога ќе дојде време за регистрација, секако ќе ги добие овие таблички. Правилникот не предвидува казни, но тука сте вие медиумите, тука сме ние институциите да ви кажеме со какви возила располага државата, тука е Антикорупциската којашто има веќе некаков регистар, каде што бевме и ние како институции задолжени да пријавуваме, така што да оставиме простор до крајот на неделата, односно до понеделник. Чинам дека сите институции ќе одговорат“, изјави директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата Ивица Томовски.
Државните институции имаат обврска, најдоцна десет дена по распишувањето на изборите, да ги пријават службените коли во регистарот што го води Државната комисија за спречување на корупцијата, но до истекот на рокот на 19 август, беа пријавени само околу 1900 од над 7000 возила. Ниту Антикорупциската комисија не им може ништо на институциите што не ги пријавиле колите, зашто законот не предвидува казни. Само четири министерства го испочитуваа рокот, а возилата на време не ги пријави ниту СОЗР.
До денеска во ДКСК се пријавени над 6300 државни коли. Со ѕвездичка се обележани возилата кои се пријавени по истек на рокот. Во земјава има 1511 државни институции.
МВР треба до крајот на годинава да подготви свој регистар на државните возила.
Срѓан Стојанчов











