Сонцето ќе изгрее и на 3 ноември, им порача претседателот на Собранието на партиите и на кандидатите, повикувајќи ги да се воздржат од инциденти и заедно со граѓанските организации и новинарите, да дадат придонес кон фер и демократски избори. Тврди дека нема индиции за можни инциденти, со оглед на острата реторика на кандидатите за градоначалници во Чаир, но и во другите општини каде се водат главните изборни битки меѓу партиите од албанскиот блок, но сепак повика на смиреност и одговорност.
„Ова се локални, а не историски избори.Секако, важни се за локалните теми и проблеми, но, не можеме секои избори да ги сведеме на историски. Овие се за локални проблеми, за канализација, водовод, хигиена, чист воздух, за развојни проекти итн. Не се согласувам изборите да се сведат на „да се биде или не“. Срамота е после 34 години независност на Македонија ние повторно да зборуваме за опасност од инциденти на денот на изборите“, рече Африм Гаши.
И од Бирото за јавна безбедност веќе имаат отворено оперативна акција во пресрет на локалните избори.
„Ние веќе имавме неколку состаноци, отворена е оперативна акција „локални избори 2025„, клучно е полициските службеници да постапуваат со интегритет и професионалност и да бидат гарант за секој да може да го оствари своето право на глас“, изјави Александар Јанев, директор на Биро за јавна безбедност.
На собраниската седницата в петок ќе се усвои декларација за фер и демократски избори која досега ја потпишале сите координатори на пратенички групи освен од Левица. Целта на декларацијата е да им се остави помалку простор на тие што сакаат инциденти, а секој кој не го испочитувал својот потпис, да сноси одговорност.
Далиборка Демјанска











