Пожарот на скопската депонија Дрисла, што избувна вчера околу 15:15 часот, сè уште не е изгаснат.
Во централниот дел на депонијата гори поголема количина отпад, при што се извива густ и непријатен чад кој се чувствува и во пошироката околина, соопшти Центарот за управување со кризи.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека ноќта се интервенирало со вода, но без ефект, па се пристапило кон агресивно затрупување на најкритичниот дел.
Тој посочи дека постојат сериозни индиции дека пожарот е подметнат, бидејќи вакво самозапалување не се случувало дури ни во најжешките летни денови.
Владата веќе презеде итни мерки – депонијата Дрисла ја презеде Главниот штаб за управување со кризи, а предложена е и забрана за движење во депонијата Вардариште.
Таму, според Ангелов, веќе има поднесени кривични пријави за лица кои управувале со диви отпади и предизвикувале пожари преку согорување отпад.
Очекувањата се дека со затрупувањето и контролиран надзор, двете депонии конечно ќе бидат ставени под контрола, но Ангелов потенцира дека трајно решение ќе биде можно дури по изборите, преку реализација на одамна подготвен проект.











