Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци денеска изврши увид во фабриката во која вчера животот го загуби 38-годишен државјанин на Кина.
Според првичните информации, странскиот државјанин пристигнал во Македонија кон крајот на август, но постојат сомненија дека иако сè уште не му биле регулирани престојот и работниот однос, тој бил ангажиран на извршување работни задачи во фабриката.
Несреќата се случила кога работникот бил притиснат од кран на висока платформа, при што се здобил со тешки телесни повреди од кои подоцна починал.
Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатиот, како и наредби за прибирање на целокупната документација поврзана со изведувањето на работите во фабриката.
Исто така, ќе се спроведе машинско вештачење на кранот и ќе се испита дали биле почитувани прописите од областа на заштита при работа.
Истражните дејствија се во тек, а обвинителството ќе утврдува дали постојат елементи на тешки дела против општата сигурност.











