Луѓето со хронични болести, кардиоваскуларни заболувања, бремените жени и децата треба да бидат многу внимателни во вакви периоди на енормно загадување во денови во кои гореа Дрисла и Вардариште советуваат лекарите. Граѓаните треба да ги затворат прозорците, да стават соодветни маски за превенција и доколку можат да останат дома, миење на лицето по престој надвор и користење на клима уреди со технологија за прочистување на воздухот на повеќе нивоа. Децата треба да бидат што повеќе надвор од урбаната средина затоа што нивниот имунолошки систем се уште се развива.
- Она што е многу важно да истакнеме дека тука имаме освен механичка иритација, имаме хемиска реакција и алергиска реакција. Затоа најчесто кога имаме зголемено аерозагадување она што прво го чувствуваат возрасните луѓе, луѓе со хронични болести е печење на очите и на носот кашлица отежнато дишење и сето тоа укажува дека аерозагадувањето е на повисоко ниво. И во статистики на светско ниво ракот на белите дробови од аерозагадувањето и од сите вакви депонии за кои не знаеме што дишеме, а најчесто доаѓа од индустриски отпад и од согорување на пластиката доведува до развој на канцер кој е три пати зголемен во однос на претходните години – изјава д-р Оливер Зафировски, директор на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија.
Сето ова на кое сведочиме со Дрисла е скандалозно незнаење да се управува со една релативно едноставна институција, вели Поповска затоа што тука ние не зборуваме за високи технологии, туку да се почитува стручно и чесно работење, дисциплина и педантност во почитување на критериуми. Најважно е да нема политика во решавање на овој проблем, додава таа.
- Секое решавање на една регионална депонија бара поголем период, а обично политичарите премногу често се заинтересирани за она што ќе им се случи во нивниот мандат. За да го решиш еден проблем, како што е регионална депонија, треба да соработуваш и на локално и на државно ниво со луѓе од други политички партии. Да мислиш и за надвор од твојот мандат, па тие што ќе дојдат да го продолжат она што било направено. Значи нас ни недостасува пристојна меѓупартиска комуникација- Лилјана Поповска, поранешна пратеничка и граѓанска активистка.
Според Поповска современите депонии што се планирани се базираат на селекција и преработка на отпадот како суровина, по што останува минимално количество за депонирање. За разлика од Дрисла, каде целиот комунален смет се депонира и затрупува со земја, со простор за одведување на исцедокот. Затоа современите депонии не загадуваат.
Нина Стефанова











