Поднесено е обвинение за дивите допонии во Вардариште. Обвинети се тројца за загрозување на животната средина со отпад.
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против три лица за загрозување на животната средина и природата со отпад. Според обвинението, од 2020 година осомничените нелегално вршеле откуп на старо железо, акумулатори и други метали на импровизирани пунктови во населбата Вардариште, без регистрација и дозвола за управување со отпад.
Нивните активности довеле до создавање диви депонии на локацијата каде што на 9 јули избувнал голем пожар.
- Со непрописното складирање на отпадот, според обвинителството, била загрозена животната средина и предизвикана опасност по здравјето на граѓаните. За сите тројца обвинети е предложено продолжување на мерката притвор.
Обвинителството и понатаму постапува за утврдување на други можни сторители, како и во друг предмет поврзан со незаконско складирање отпад во Шуто Оризари, каде исто така на 9 јули избувнал пожар. За пожарот на депонијата Дрисла, досега не е поднесена пријава, но обвинителството ја следи состојбата.
Тамара Марковска известува за ситуацијата на депонијата Вардариште.
Забрана за движење на територија на депонијата „Вардариште”
Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, на денешната 7-ма седница, предложи до Владата, а Влада усвои следниве заклучоци: забрана за движење на територија на депонијата “Вардариште”, како итна мерка во насока на справување со пожарот на депонијата „Вардариште“ во општина Гази Баба, а за надлежен за оваа проблематика го назначи првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање г.Изет Меџити.
- Заклучоците се донесоа по дискусијата за состојбата со пожарот на депонијата „Вардариште“ во општина Гази Баба, кои по исцрпната дискусија, членовите на Комитетот, поради зголемените ризици по животот и здравјето на граѓаните и поради загадувањето на животната средина, ги донесоа за превенција и отстранување на штетните последици од пожарите на депонијата „Вардариште“, се вели во соопштението од комитетот.











