Собранието денеска ќе ја одржи 68. седница, на чиј дневен ред, меѓу другото е Предлог-декларацијата за фер, слободни и демократски избори. Предлог-декларацијата ја поднесе претседателот на Собранието, Африм Гаши и координаторите на сите пратенички групи.
Во Предлог-декларацијата се наведува дека во пресрет на изборите што ќе се одржат на 19-ти октомври, Собранието го изразува своето натпартиско единство за одржување на фер, слободни и демократски избори.
Се посочува дека Собранието се залага за доследно почитување на уставното право, граѓанинот да го оствари своето избирачко право непосредно, на слободни избори со тајно гласање, а најостро го осудува семејното и групното гласање, како можност за манипулирање со гласовите на граѓаните и влијание врз изборните резултати.
Покрај декларацијата, на пленарната седница, ќе се најдат и пратеничките прашања од опозицијата. Од страна на Собранието побарано е од Владата на седниците за пратенички прашања да присуствуваат министрите за да можат да одговорат. Како што истакна претседателот на Собранието Гаши на овонеделниот брифинг со медиумите, за ова разговарал и со премиерот Христијан Мицкоски кој се согласил со барањето посочувајќи дека тој како премиер со неговото присуство на седниците дава пример дека треба да присуствуваат и министрите.











