Да го исчистиме светот – во светот денеска глобална волонтерска акција за поздрава животна средина. Што попрво да се зачисти во Македонија: загаден воздух, отровни депонии, неодговорни институции? Вардариште, Дрисла, Трубарево…низот од екоциди секој ден е се поголем.
Кој е одговорен? Како да се спасат граѓаните?
Во Топ Тема дебата со проф.д-р. Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип, м-р. Ана Каранфилова Мазневска, Раководител на сектор за отпад во Министерството за животна средина и Марко Гучески Правник за животна средина “Еко-свест”.
Гучески кој е правник за животна средина “Еко-свест“ објасни дека секој граѓанин според законот за животна средина мора да знае што дише и во која мера е загаден воздухот. Конкретно за огромниот пожар кој се случи во саботата.
„Градовите во Македонија личат на еколошки бомби, еве една се случи овој викенд. Според закон за животна средина, институциите мора да им кажат на граѓаните што дишат. Ова претставува прашање од национална безбедност, граѓаните мора да знаат што изгорело и што дишат и ова е сериозно прашање кое може да има несогледливи последици врз граѓаните и животната средина“ изјави Марко Гучески, правник за животна средина “Еко-свест”.
Според ректорот Мираковски, за да се зборува за емисијата на гасови мора да се знае точно количината, па понатаму да се отврдуваат другите параметри.
„Ние во моментот сме ангажирани да го видиме сегашниот квалитет на воздух, каков е таму, да ги анализираме концентрациите на тешки метали. Зоната на дисперзија е во прашање, кога се шири во поголем простор, како се шири од местото на пожарот се намалува концентрацијата на тие материи.Јас сметам дека ќе покажат сериозни концентрации со јаглерод моноксид и другите пожарни гасови, а сега на јавноста е најважно да кажеме во колкава зона, ако е контаминирана, колкава е“ објасни проф.д-р. Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип.











