Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и увидни екипи на МВР денеска извршија увид на местото по настанатиот пожар во Трубарево. Увидните дејствија, како што информираат од Обвинителство, се преземаат како во однос на настанувањето на пожарот, така и во однос на складирањето на отпадот на предметната локација, а бил извршено фотографирање и дронско снимање на локацијата.
Од Обвинителство посочуваат дека со оглед на затрупувањето на локацијата од безбедносни причини, увидните дејствија на терен се отежнати.
„По наредба на јавен обвинител, локацијата ќе остане обезбедена и во наредниот период за потребите на постапката. Таму ќе продолжат да се вршат дополнителни мерења на загадувањето од Министерството за животна средина, а на терен ќе излезе и вешто лице од областа на екологијата. Обвинителството и истражните органи продолжуваат да преземаат и други дејствија за целосно испитување на настанот“, информираат од ЈОРСМ.
На самото место, сè уште е стационирана и противпожарна екипа, бидејќи на дел од локацијата и понатаму се јавуваат повремени чадења и постои опасност од ново разгорување.
Претходно, судот им определи продолжување на мерката притвор од 48 часа на четири лица осомничени за пожарот што на 13 септември избувна во складиште за рециклирање отпад во Трубарево. Притворот е изречен по предлог на Основното јавно обвинителство – Скопје, поради основано сомнение за сторено кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“.
Осомничени се 56-годишен управител и сопственик на две правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишен раководител на подружница и 59-годишен вработен во фирма. Според обвинителството, се испитуваат и други потенцијално инволвирани лица, а привремената мерка притвор е побарана за обезбедување на доказите.
Четири лица побарале лекарска помош по пожарот, но сите се надвор од животна опасност. Министерството за животна средина сè уште ги анализира резултатите од мерењата на загадувањето.











