Сезоната на правење ајвар е почната, но во Струмица сѐ помалку семејства се решаваат да ја обележат. По дворовите не се гледаат запалени ќумбиња, ниту од некаде ќе ви долета мирисот на печени пиперки.
Повозрасните граѓани со кои разговаравме велат пиперките се скапи, работата е тешка, има повеќе причини зошто не се нафаќаат да ја направата традиционалната зимница.
Пиперки нема многу и на пазарите. Ниту на градскиот пазар ниту на оној на големо.
Малкуте пазарџии што ги сретнавме на цената не можат да се пожалат. Побарувачка има и добро се продава индустриската пиперка.
Земјоделските здруженија информираат дека најголемиот дел од струмичкото производство оди директно за извоз, а помал дел е во преработувачките капацитети во регионот. Во просек во земјата се произведуваат околу 45 до 50 илјади тони пиперки годишно.
Сузана Мицева











